Tag - Дијабет

ИТНО зголемување на термините и подобра достапност до специјалистички прегледи за лицата со дијабетес

До Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија

Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија, како заеднички претставник на лицата кои живеат со дијабетес во државата, подолг временски период укажува на потребата од подобрување на пристапот до редовни, навремени и континуирани специјалистички прегледи.

Редовните контроли претставуваат основен и неопходен дел од здравствената грижа за лицата со дијабетес, бидејќи преку нив се следи текот на болеста, се проценува здравствената состојба и се одредува соодветната терапија, неопходна за успешно секојдневно менаџирање на дијабетесот.

Подеднакво значајно е и навременото реализирање на прегледите за рано откривање, следење и третман на компликациите од дијабетесот, со цел обезбедување поквалитетен, подостоинствен и поздрав живот за пациентите.

Во таа насока, изразуваме сериозна загриженост поради ограничената достапност на специјалистички термини и упатуваме иницијатива за унапредување на постојните протоколи и процедури за закажување прегледи, како и за зголемување на достапноста на континуирана здравствена грижа за хронично болните пациенти.

Особено внимание заслужува фактот што околу 4.000 лица со дијабетес тип 1 своите контроли ги реализираат на Универзитетските клиники во Скопје — приближно 650 деца на Универзитетската клиника за детски болести и околу 3.550 пациенти на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања.

Дополнително, во голем број општини во државата постои недостаток на доктори специјалисти – дијабетолози, поради што значителен број пациенти се принудени да патуваат во други градови и регионални центри за да добијат здравствена услуга. Ова претставува дополнителен финансиски, организациски и психолошки товар за лицата со дијабетес и нивните семејства.

Потсетуваме дека Националната програма за дијабетес 2018–2028 како стратешки цели ги утврдува:

  • поквалитетна и поефикасна превенција, рана детекција и подобрување на квалитетот на грижата и животот на пациентите со дијабетес мелитус преку подобра контрола на болеста и превенција на компликациите;
  • редовно следење и контрола на резултатите од спроведените активности, како и подготовка на соодветни анализи и извештаи.

Овие цели се од исклучително значење за лицата со дијабетес, бидејќи директно ги адресираат приоритетите што здравствениот систем ги утврдил како обврска — превенција, рана детекција, редовно следење и контрола на резултатите, што е возможно единствено преку навремени и достапни специјалистички прегледи за секој пациент, согласно медицинските протоколи.

Веруваме дека преку заедничка координација, институционална посветеност и партнерски пристап може да се изнајдат одржливи решенија кои ќе овозможат подобар, поконтинуиран и подостапен пристап до здравствена грижа за повеќе од 140.000 лица кои живеат со дијабетес во Македонија.

Навремените контроли и раната дијагностика овозможуваат:
  • превенција и намалување на компликациите,
  • намален инвалидитет,
  • помал број хоспитализации,
  • подобар квалитет на живот,
  • и спасени човечки животи.

Здравствениот систем мора јасно да покаже дека превенцијата и навремената здравствена грижа претставуваат приоритет и основно право на пациентите, а не привилегија.

Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија останува подготвен активно да учествува во процесот на креирање одржливи решенија, преку партнерски дијалог со институциите, стручната јавност и сите релевантни чинители, со единствена цел — подобрување на квалитетот, достапноста и континуитетот на здравствената грижа за лицата со дијабетес
Read more...

Health & Fitness Forum 2025: Физичка активност и дијабетес – Потребни се дијабетес пријателски фитнес средини!?

Во рамките на Health & Fitness Forum 2025, што се одржа во Скопје, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија зеде активно учество преку својот административен директор - Мартин Николов, кој учествуваше во панел-дискусија посветена на улогата на физичката активност кај лицата со дијабетес.

Во своето излагање, Николов ги истакна четирите клучни области што секој тренер и фитнес-инструктор треба да ги познава кога работи со лице со Дијабетес, особено со лице со Тип 1 дијабетес:

1. Континуирано следење на гликемијата

Лицата со T1D најчесто користат CGM-сензори или глукометри. Тренерите треба да знаат како да препознаат аларми за хипо или хипергликемија. Мерењата пред тренингот, секако се задолжителни. Во некои случаи, може да биде потребна кратка пауза за внес на јаглехидрати или корекција со инсулин.

2. Инсулинска терапија и распоред

Инсулинската доза може да се прилагоди во зависност од типот и интензитетот на тренингот. Затоа е важно тренерот да биде информиран за распоредот на терапијата и да комуницира отворено со клиентот.

3. Исхрана и ризик од хипогликемија

Во зависност од активноста, може да биде потребна брза закуска пред, за време или по вежбањето. Секој тренер треба да има при рака гел, шеќерен сок или глукозни таблети за итни ситуации.

4. Препознавање и итни мерки

Симптомите на хипогликемија (треска, замор, потење) и хипергликемија (сува уста, заматен вид) мора да бидат препознаени на време. Брза интервенција е клучна.

Во продолжение на разговорот, се отвори и прашањето: Како локалните фитнес-центри можат да помогнат?
Одговорот беше едноставен – преку партнерство, едукација и вклученост:

  • Организирање на "дијабетес-пријателски часови" со обучени тренери.
  • Едукација на фитнес-персоналот преку кратки обуки за основите на дијабетесот.
  • Отворени денови за заедницата со здравствени активности и совети.
  • Заеднички мотивирачки кампањи со награди и попусти за членовите на Сојузот.

Ова се мали, но значајни чекори кон создавање на општество каде физичката активност е достапна, безбедна и поддржувачка за лицата со дијабетес.

Read more...

Трчаме за Рацин 2025 – Создаваме дијабетес култура

Со особена чест најавуваме дека годинашното издание на традиционалната трка „Трчаме за Рацин“ што ќе се одржи во Велес на 08.06.2025 година, ќе биде посветено на поддршка на лицата со дијабетес во Република Северна Македонија.
Овој настан има за цел да ја подигне свеста за предизвиците со кои се соочуваат лицата со дијабетес, но и да ја истакне нивната сила, издржливост и посветеност кон активен и здрав начин на живот.
По три претходни успешни изданија, оваа година од организацијата најавуваат одлична трка и супер забава преку кои на свој автентичен начин ќе се чествува ликот и делото на Рацин. Исто како и на претходните изданија, и оваа година е предвидена детска трка, како увертира на главниот настан и трките на 5 и 10 километри. 
Ги повикуваме сите заинтересирани – спортисти, рекреативци, семејства, пријатели и поддржувачи – да ни се придружат и да бидат дел од оваа важна иницијатива. За повеќе информации или учество, ве молиме контактирајте не на 078/395-246 или испратете порака.
„Трчаме за Рацин“ е организирана според правилата за улично и маратонско трчање на IAAF и АФМ. Во склоп на настанот предвидени се три трки: 
  • Трка на 10км со почеток од 19:00ч,
  • Трка на 5км  со почеток од 19:00ч,
  • Детска трка – 100-400м со почеток од 17ч.
Пријавувањето е заклучно со 25.05.2025.
Заедно трчаме со цел. Заедно трчаме за поддршка. Трчаме за Рацин – трчаме за оние што се борат секој ден!
Read more...