Работилница: Физичката активност како сојузник во контролата на дијабетес!
Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, во соработка со Асоцијацијата за Рекреација и Велнес (НМА), ја организира првата работилница посветена на улогата на физичката активност во справувањето со Дијабетес Тип 2.
Физичката активност претставува една од најмоќните алатки за подобрување на здравјето и квалитетот на живот кај лицата со дијабетес. Редовното движење и вежбање придонесуваат за подобра регулација на шеќерот во крвта, зголемена чувствителност на инсулин, подобрување на кардиоваскуларното здравје и намалување на телесната тежина. Освен физичките придобивки, активноста има и големо влијание врз психичкото здравје – ја намалува анксиозноста и стресот и го поттикнува чувството на енергија и мотивација.
Работилницата има за цел да ги подигне свеста и знаењата за придобивките од активниот начин на живот, но и да понуди практични совети и активности кои учесниците ќе можат да ги применат во своето секојдневие. На настанот ќе бидат вклучени стручни лица кои ќе споделат информации, искуства и техники за полесна и поефикасна контрола на дијабетесот преку физичка активност.
Со овој настан сакаме да ја поттикнеме и пошироката заедница да ја препознае важноста на физичката активност и здравите навики – не само како дел од третманот, туку и како превенција од хронични заболувања.
Оваа работилница претставува прв чекор во низата активности кои ќе се организираат за да обезбедат поддршка, едукација и мотивација за лицата со дијабетес и нивните семејства. Работичницата ќе се одржи на 14.10.2025, во Мондано спорт во Скопје, со почеток од 12:00 часот.