IDF Бангкок 2025 – млади дијабетес лидери од целиот свет !

Младите дијабетес лидери од IDF асоцијацијата не се само иднината – тие се силата на сегашноста, храбро ги обликуваат промените што сакаме да ги видиме во светот. Нивната посветеност и емпатија ги инспирираат сите да веруваат во себе и во своите соништа. Преку секој предизвик што го надминуваат, тие докажуваат дека вистинското лидерство започнува со срцето.

Ова е извештај од нашето едукативно дружење во рамките на конгресот на Интернационалната Дијабетес Федерација во Бангкок.

 

Понеделник – Прв ден на поврзување, инспирација и отворање

Првиот официјален ден од Самитот започна во понеделник, 7 април 2025 година, со возбуда и позитивна енергија. По појадокот и превозот од хотелот до BITEC, учесниците се регистрираа и денот започна со лесно истегнување. Настанот беше отворен со воведни зборови за добредојде и безбедносни упатства, по што следеше динамична активност за запознавање, која овозможи создавање на првични врски меѓу младите лидери.

Следеше официјална добредојде од тимот на IDF и YLD, а потоа и инспиративна презентација за суштината на YLD, прикажана преку искуствата на менторите. Имаше и брифинг за церемонијата на отворање и прошетка низ главната сала на конгресот.


На овогодинешното собрание во Бангкок, Урош Богдановиќ од Србија беше избран за првиот претставник на младите во управниот одбор на IDF Европа!


По ручекот и кратката пауза, учесниците работеа на унапредување на своите вештини за раскажување – клучна алатка за ефективно застапување. Темата потоа се прошири кон иновации и истражувања во областа на дијабетесот. Попладнето беше збогатено со презентации на глобални иницијативи за дијабетес, како YOUth и Panorama, а денот заврши со заедничко фотографирање во национални носии и финален брифинг за вечерниот настан.

Денот беше заокружен со присуство на официјалното отворање на Конгресот, вечерен прием и заедничка вечера во ресторанот „Best Beef on Nut“ – совршена можност за неформално поврзување.


Вторник – Ден на застапување и емоционална интелигенција

Вториот ден започна со дискусија за значењето на застапувањето – што тоа претставува, а што не. Потоа, учесниците работеа во групи на симулација на процесот на работа со креатори на политики со цел развој на национални стратегии.

Следеше детална презентација за Глобалниот дијабетес компактен на СЗО и целите што треба да се постигнат, како и анализа на податоци преку IDF индексот. Овие сесии покажаа колку се податоците важен алат за застапување.

По паузата за ручек, се дискутираше за пазарниот пристап до инсулин и терапија, потоа за емоционалното влијание од дијабетесот и механизмите за справување. Во попладневниот дел беше претставена програмата KiDS (Деца и дијабетес во училиштата), како и податоци за застапување презентирани од компанијата Dexcom. Денот заврши со сесија за координирано застапување за Т1Д од страна на иницијативата Circle of Voices и компанијата Sanofi.

Вечерта беше резервирана за слободно време и вечера во хотелот, проследена со неформално дружење.


Среда – Ден на идеи, проекти и јавен настап

Третиот ден беше посветен на конкретна работа на проекти. Учесниците работеа на планирање, анализа на задачи и дефинирање цели. Тимската работа беше насочена кон развој на проектни вештини и разработка на идеи.

Следеше сесија за аплицирање на проектни грантови со поддршка од World Diabetes Foundation – многу корисна за оние кои сакаат своите идеи да ги реализираат како вистински проекти.

Попладнето беше посветено на унапредување на комуникациските вештини преку е-пошта, како и на подготовка на кратка презентација („elevator pitch“) – вежби кои им помогнаа на учесниците да научат како ефективно да ја пренесат својата порака во неколку минути.

Потоа, компанијата Sanofi ги претстави своите проекти насочени кон приоритетите за Т1Д, а крајот на денот беше одбележан со креативно и интерактивно изненадување при влезот – активност што дополнително ги зближи учесниците.

Вечерта беше свечена – со одбележување на годишнината од Глобалниот дијабетски компактен, свечена вечера и слободно време за релаксација.


Четврток – Заклучоци и нови хоризонти

Последниот ден од Самитот започна со практична примена на стекнатите знаења преку примерот на програмата KiDS. Следеше свечената церемонија на дипломирање за YLD групата 2022–2024 – емотивен момент за сите кои го поминаа овој двегодишен трансформативен процес.

Потоа се дискутираше за иднината на YLD програмата и можностите за нејзин натамошен развој. Следеше сесија за соработка со медиумите – важна тема за ширење свесност за дијабетесот и зајакнување на гласовите на младите застапници.

По ручекот, учесниците ги истражуваа начините за подобрување на своето дигитално присуство и ги споделија клучните лекции научени низ целиот неделен процес. Денот и целиот Самит беа затворени со посета од претседателот и управниот одбор на IDF, како и со завршна церемонија.


Програмата „Млади лидери во дијабетес“ (YLD)

на Интернационалната дијабетиес федерација (IDF) е основана во 2011 година со цел да ги оснажи младите лица кои живеат со дијабетес да станат застапници и лидери во своите заедници и на глобално ниво. Програмата обединува млади на возраст од 18 до 30 години од целиот свет, кои се поврзани со националните членки на IDF, и им овозможува едукација, менторска поддршка и можност за развој на сопствени проекти насочени кон едукација, превенција и борба против стигмата поврзана со дијабетесот.


                                        Извештај подготви:
Мартин Николов, Оперативен директор на Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија,
член на најновата генерација млади дијабетес лидери при Интернационалната дијабететес федерација (IDF)